Кизиќ: Бриксен долго се носеше со нас, одиме на победа и во реваншот

Марко Кизиќ и неговиот Алкалоид одиграа одлична партија на гостувањето кај Бриксен во осминафиналето од Европскиот Куп на ЕХФ и се враќаат дома со убедлива победа. 

Репрезентативниот чувар на мрежата по мечот изјави дека Алкалоид се помачил да го скрши отпорот на домаќините, но на крајот тимот одиграл како што посакувал и заслужено се радува на висок триумф. 

„Противникот не беше наивен, ни требаше малку време да го скршиме отпорот и да отидеме на повисока разлика. Најважно е што игравме во ист ритам во текот на сите 60 минути. Бриксен се носеше со нас скоро до крајот на мечот. 

Италијанците беа упорни, се враќаа резултатски, но ние бевме поупорни и поквалитетни. Реваншот ќе го сфатиме максимално сериозно, нема опуштање. Нема да се лажеме дека оваа предност е убава, но ќе одиме на победа и на реваншот, тоа е нашата цел“, изјави Кизиќ. 

Реваншот во Скопје помеѓу Алкалоид и Бриксен ќе се одигра на 22 февруари. Момчињата на тренерот Кирил Лазаров имаад одлична залиха од дванаесет гола.