Кисум: Премногу грешевме со Алборг, а на ова ниво те казнуваат

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го загубија и вториот натпревар во групната фаза на Лигата на шампионите. Овојпат момците на Александар Јовиќ беа поразени од дански Алборг со 38-23. Пелистерци парираа на стартот на мечот, ама потоа влегоа во серија грешки, а и квалитетот на ривалот исплива на површина. 

Такво размислување има и Каспер Кисум, кој го призна поразот, се повика на фактот дека тимот е реновиран и е потребно воигрување.

„Игравме против подобар тим, полн со поискусни ракометари. Ние сме сепак нов колектив, сè уште се обидуваме да ја пронајдеме својата игра. Направивме премногу технички грешки по добрите 15 минути на стартот. На ова ракометно ниво, ако грешиш - добиваш казна“, изјави Кисум.

Следниот европски натпревар за Еурофарм Пелистер е домашен. На 27 септември (среда) во Битола доаѓа уште еден гигант, екипата на Кил од Германија