Кирил Лазаров, прв играч-селектор на завршниот турнир во Келн

Лазаров

Кирил Лазаров повеќе од две децении е дел од Лигата на шампионите. Дебитираше во далечната 1998 година, а сега ќе има шанса да игра за втора титула со екипата на Нант.

40-годишникот и натаму руши рекорди во елитното натпреварување. На Ф4 турнирот никој не постигнал повеќе голови од него, а уште еден податок е уникатен за македонската ракометна легенда.

Имено, ветеранот во редовите на францускиот клуб ќе стане првиот играч-селектор кој ќе настапи во завршницата од ЛШ. Покрај тоа што активно игра на високо ниво, Лазаров се обврза да застане на селекторското место во репрезентацијата на Македонија, која ја однесе на Европското првенство 2022.

За него ова ќе биде седми „фајнал-фор“ во богатата кариера. По еднаш се појави со Суидад Реал и Атлетико Мадрид, трипати заедно со Барселона, а вторпат ќе се надигрува со најдобрите носејќи го дресот на Нант.

Противник во полуфиналната фаза за Лазаров и Нант ќе биде моќната Барса, која важи за прв фаворит за подигнување на трофејот во „Ланксес Арена“.