• Зоран Мишевски

Ако има противник кој му лежи на нашиот капитен, тоа е Полска. Без разлика што генерациите и системот на игра се менуваат, тактички гледано, квалитетите и интелигенцијата на Кире Лазаров секогаш биле проблем за полскиот национален тим. Асот на Барселона признава дека дефанзивната игра и конституцијата на полските бекови и нам ни лежи.
„Ние секогаш ќе играме на победа. Од друга страна, треба да се биде реален и да се признае дека Полска е фаворит за медал, можеби и за титулата. Имаме позитивен скор со нив и можеме да играме. Стилот ни одговара, бидејќи имаат корпуленти бекови со кои традиционално подобро се снаоѓаме отколку со пониски, но и побрзи бекови кои лесно прават финти. Го гледавме мечот со Франција и видовме дека и покрај добрите 50 минути, сепак имаме многу што да поправиме. Целта ни е јасна, да го минеме првиот круг, тоа е нешто што мораме да го направиме, а би било добро со некој бод в џеб“, изјави Лазаров.
И низ полските весници денес главно имаше опоменувачки натписи дека без добра одбрана врз Лазаров, нема победа за домашната селекција.