Кире Лазаров единствен Македонец со шест ракометни Мундијали

Gol.mk на Светско првенство во ракомет 2019

Кире Лазаров и Унгарецот Ласло Наѓ се единствените ракометари кои настапија на Светското првенство во Египет во 1999 година. Кога утре ќе истрча, предводејќи ја македонската селекција против Јапонија, Кире ќе го запише настапот на својот шести Мундијал.

И веројатно низ статистиките ќе пронајдеме некој кој играл повеќе Светски првенства, но тешко дека ќе најдеме некој кој бил двапати најдобар стрелец и тоа еднаш со рекорд на шампионатите, а еднаш крал на стрелците со само шест натпревари, додека останатите играа по десет дуели.

Лазаров во Египет беше млад, но се наѕираше дека се раѓа лидер во националниот тим. Во Хрватска 2009 година веќе светот го запозна како најдобар десен бек, а потоа сите шампионати се надоврзување на низата.

Во Шпанија, Катар и Франција, предводени од капитенот, ги прескокнавме предизвиците во групната фаза, а сега Кире Лазаров е пред многу голем предизвик. Покрај себе ги нема Миркуловски, Наумче Мојсовски, Димовски, Алушовски и денес на Манасков и Талески гледаме како на искусни репрезентативци.

Но, поучени од ланскиот блесок на Нант, нема нешто невозможно за нашиот капитен, па ни пат за Келн за сметка на Јапонија и Исланд.