• Зоран Мишевски
Новата сезона во шпанскиот ракомет започна пак со трофеј на Барселона, која како и во последните четири сезони и оваа го освои Суперкупот на Шпанија, со победата во Памплона против финалистот на Купот на Кралот од минатата сезона, Хелветиа Анаитасума со 30-38 (15-18).
Со достоинствен отпор во првото полувреме и разлика во квалитет во продолжението, Хелветиа Анаитасума не успеа да направи изненадување. Кире Лазаров во голем стил го започна мечот и во првите 10 минути постигна три гола и имаше едно додавање за кружниот напаѓач Сорондо. Сепак водени од Микел Агирезабалага ракометарите на Хелветиа Анаитасума одржуваа егал почеток и дури пет пати го израмнуваа минималното водство на шампионот.
Борко Ристовски застана меѓу стативите по само 10 минути и веднаш запиша одбрана, а Лазаров со одлична асистенција го најде Арињо за гол за +2 во 13 минута. Со исто темпо и постојани 2-3 разлика на одмор се замина со 15-18.
Вториот дел мина во знакот на Ласе Андерсон и неговите четири гола за највисоки +7 на средина од второто полувреме. Иако до крајот ракометарите на Хелветиа Анаитасума се доближија, немаа сили за подвиг и загубија со 30-38.
Во екипата на Барселона Кирил Лазаров со 6 гола и Седрик Сорондо и Раул Ентрериос кои постигнаа по 5 гола беа најдобри стрелци, а Борко Ристовски имаше добар дебитантски настап со 10 одбрани. Микел Агурезабалага со 6 гола беше најефикасен во екипата на Хелветиа Анаитасума. Со мечот на Барселона против Граноњерс в среда почнува новата АСОБАЛ сезона.
¡El momento más deseado por el @FCBhandbol! ¡La Supercopa ASOBAL se tiñe de azulgrana (30-38)! pic.twitter.com/V4r3T2FmxH
— ASOBAL (@balonmanoASOBAL) September 3, 2016


