• Зоран Мишевски
Оваа сезона ќе биде последна за легендарниот шведски десен бек Ким Андерсон како активен играч.
Ким Андерсон игра ракомет на врвно ниво од 1999 година. Беше дел од златната генерација на германски Кил, по што се врати во Шведска каде настапуваше за Истад. Андерсон освои три титули во Шведска, две со Севехоф и една со Истад, шест титули во Бундеслигата и три Лига на шампионите.
Десниот бек постигна 824 гола на 240 натпревари за шведската репрезентација. Тој се сели на тренерската клупа и ќе му биде помошник на поранешниот соиграч Оскар Карлен.
„За мене е фантастично што ќе останам блиску до ракометот и по мојата играчка кариера. Навистина се радувам на овој нов предизвик и на можноста да придонесам на нов начин“, рече Андерсон во соопштението за медиумите.
Според најавите на медиумите во Скандинавија, на крајот од сезоната се подготвува проштален натпревар во чест на Ким Андерсон.
