Кил за првпат во „Домот на ракометот“, „Чкембари“ спремаат роденденски спектакл

По Колштад, вечерва уште еден европски ракометен гигант ќе гостува во македонскиот дом на ракометот. Во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, екипата на Еурофарм Пелистер ќе го пречека Кил во третото коло од новата сезона во Лигата на шампионите.

Германскиот гигант за првпат ќе гостува во Битола, а по она што го најавуваат за тамошните медиуми, ракометарите на Кил се свесни дека ги чека пеколна атмосфера, каква што само битолчани знаат да ја направат. Дополнителен мотив за уште поубава атмосфера е тоа што на овој натпревар навивачката група „Чкембари“ ќе го прослави својот 38-ми роденден, па несомнено нè очекува нов спектакл во битолската сала.

Што се однесува до дуелот меѓу македонскиот и германскиот шампион, јасно е кој ја има улогата на голем фаворот. Кил одлично ја започна сезоната. Во првото коло го „здроби“ Загреб во Хрватска, додека во второто славеше рутинска победа над ПИК Сегед, па во Битола пристигна по продолжување на победничката серија.

На спротивната страна, пак, Еурофарм Пелистер никако не може да застане на здрави нозе и да го пронајде вистинскиот пат до успехот. Двата порази од Колштад и Алборг веќе се архивирани, и пелистерци најавија голема борба против бундеслигашкиот гигант, што е добро, но и самите се свесни колку многу треба да направат, за да извлечат поволен резултат. Сепак, во Битола сè е можно. 

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Кил започнува од 18:45 часот.