Кил вторпат го среди ПИК Сегед и чека мега-дерби со ПСЖ

Германскиот бундеслигаш Кил на домашен терен славеше над ПИК Сегед (33-28) и со втората победа во вториот осминафинален дуел се пласира меѓу осумте најдобри во ракометната Лига на шампиони.

Унгарскиот вицепрвак даваше отпор скоро едно полувреме. Првиот удар „зебрите“ го зададоа пред финишот на првиот дел кога од 14-14 се одлепија на 17-14, предност од три гола која остана и на паузата (18-15), додека во вториот дел, се тргна со нови три гола во низа и се дојде до „плус шест“ (21-15), предност доволна за триумф.

Одличен кај бундеслигашот беше Сагосен со девет гола, а Винчек и Екберг имаа по седум, додека кај ПИК Сегед, Радивојевиќ заврши со седум гола, пред Банхиди и Бомбач со по четири реализации.

Во четвртфиналето Кил го чека мега-дерби со француски ПСЖ. Избраниците на Раул Гонзалез двоцифрено го поразија Целје на првиот натпревар, па реваншот ќе биде само рутина и не би требало да има никакво изненадување.