Кил во шампионски манир ја прекина големата серија на Фуксе Берлин

Ракометарите на Кил приредија мало изненадување и славеа триумф над лидерот во германскиот шампионат, Фуксе Берлин (30-26). Натпреварпт се играше во рамките на 13. коло од Бундеслигата, а домашниот состав извојува важна победа за враќање на самодовербата по периодот со променлива форма. 

Првото полувреме донесе очекувана цврста и неизвесна игра на стартот. Кил делуваше за нијанса помотивирано и водеше во неколку наврати, а пред крајот успеа да стигне и до највисоките четири голови предност. На паузата резултатот беше 14-10 за домаќините. 

Фуксе Берлин се „разбуди“ во вториот дел и заигра многу подобро. Кил делуваше организирано, но лидерот во Бундеслигата успеа да се доближи на два гола негатива во 50. минута и најави драма во завршниот период, Во овие моменти делуваше дека гостите комплетно се враќаат во натпреварот, но сепак, Кил направи уште еден крупен чекор и поведе со пет голови (27-22) на пет минути до крајот. Беше јасно дека домашниот состав граби кон триумфот, а конечниот резултат на крајот гласеше 30-26. 

Најефикасен во составот на Кил беше легендарниот Домагој Дувњак со девет голови, додека кај Фуксе Берлин феноменален беше Данецот Матијас Гидсел, кој имаше идентичен скор како неговиот ривал од противничкиот табор. Кил е сега петтопласиран со 14 бода, додека Фуксе Берлин останува лидер на табелата со 21 бод, но ја прекина низата од 12 мечеви без пораз во Бундеслигата (11 победи и едно реми).