Пешевски солиден во поразот од Кил, голем бод за Вецлар со Флензбург

Ракометарите на Кил, на крилјата на искусниот Патрик Винчек, дојдоа до убедлива победа на гости кај Штутгарт од 29-42 (11-22). Германскиот гигант без потешкотии прокнижи бодови во 19. коло на Бундеслигата против екипата во која игра македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски. 

Со сигурна игра од стартот Кил се одлепи на 6-1, а потоа поведе и 12-3 за предноста да прејде на двоцифрена уште пред полувремето. Штутгарт немаше сили за кам-бек, губеше убедливо во текот на вториот дел и во еден момент имаше -15. Винчек со девет реализации ги предводеше поентерите, додека еднаш помалку погоди Руне Дамке. Кај Штутгарт со пет гола се истакна Милер, додека Пешевски даде четири од седум обиди. 

Херојско реми одигра Вецлар на Филип Миркуловски во домашниот дуел со Флензбург (29-29). Искусниот македонски репрезентативец беше на клупата и не настапи против фаворитот. На програмата беше и дербито меѓу Фуксе Берлин и Рајн Некар Левен, кое заврши со триумф на екипата од престолнината (23-20), додека Лемго го совлада Либек (27-22).