Кил среќно ја одбрани титулата, Шмид пропушти да го израдува Флензбург

Ракометарите на Кил ја продолжија доминацијата во Бундеслигата и со денешното реми во дербито против Рајн Некар Левен (25-25) ја одбранија титулата од минатата сезона.

Водството се менуваше на двете страни во текот на првиот дел. На крај за нијанса подобар резултат изборија гостите. Следуваше идентично неизвесно надигрување и во продолжението. Трите гола негатива „лавовите“ ги анулираа со мини-серија и израмнија ја 21-21 на осум минути до крајот од мечот.

Следуваше игра гол за гол, а водството постојано беше на страна на домашниот тим. Драма се случи во последната минута кога Кил имаше резултат за титула, а Пекелер направи фаул за исклучување. Рајн Некар Левен тоа сепак не го искористи, бидејќи Енди Шмид не го искористи нападот и пропушти шанса за да обезбеди победа.

Шмид со седум и Генсхајмер со шест погодоци беа први стрелци кај домаќинот, а Сагосен со пет и Зарабец со четири гола се истакнаа кај Кил.

„Зебрите“ на Филип Јиха поради подобриот меѓусебен дуел го добија судирот со второпласираниот Флензбург, кој заврши со идентичен број бодови на врвот на табелата. Главниот ривал на Кил победи на својот натпревар од последното коло против Балинген (38-26).

Томовски собра десет интервенции во поразот од Гопинген, Миркуловски погоди двапати во триумфот над Минден, а Пешевски заврши со три реализации во ремито против Мелсунген.