Кил со еден гол разлика го доби двомечот со ПСЖ и обезбеди нов завршен турнир

Кил

Кил го одбрани домашниот терен и минимално го доби двомечот со ПСЖ (33-32). Пласманот на завршниот турнир тимот на Филип Јиха го обезбеди со еден гол разлика, по ремито на гости во првото соочување. Натпреварот одлично го водеа македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Францускиот првак започна добро и стигна до почетна предност. Во еден момент истата стигна до три гола разлика. Недим Ремили одигра солидно полувреме и постигна дури пет гола. Десниот бек беше најзаслужен за предноста по првиот дел за парижани. Одличен беше и Никола Карабатиќ кој четири пати се запиша во листата на стрелци (17-19).

„Зебрите“ по паузата одиграа цврста одбрана и направија пресврт. ПСЖ имаше големи проблеми во напад, што беше причина за падот во играта во продолжението. По неколку промашени напади во низа, Лук Стеинс погоди за 31-31 на две минути до крајот. Следуваа две реализации на домашниот тим, со кои беше одлучен овој двомеч. 

Магнус Ландин со седум гола беше прво име во редовите на Кил, а Ремили се истакна со осум кај гостинската екипа. Покрај бундеслигашот за титулата во Келн ќе се борат Барселона, Веспрем и Киелце.