Кил повлече потег, се разделува со легендарниот Филип Јиха

По најслабата сезона во историјата на гигантот Кил, се очекуваше раководството на клубот да преземе конкретни чекори. Иако на „зебрите“ не им цветаат рози во последните години и клубот е далеку од нивото на кое беше во своите најуспешни денови, штотуку завршената сезона ги вклучи сите аларми.

За првпат по 33 години Кил нема да биде дел од ниту едно европско натпреварување, што претставува вистинска катастрофа за клуб со таков реноме.

Според германските медиуми, првиот чекор на управата е да му врачи отказ на тренерот Филип Јиха, кој повеќе нема да седи на клупата на Кил, иако има важечки договор до 2028 година.

Иако клубот е познат по тоа што ретко менува тренери и традиционално им укажува голема доверба на своите стратези, овојпат изгледа дека седумгодишната соработка со легендарниот Чех би можела да заврши порано од планираното.