Кил како лидер ќе презими во ЛШ, Дамке во последната секунда го „расплака“ Колштад

Ракометарите на Кил извојуваа уште една голема победа во Лигата на шампионите, откако во рамки од десеттото коло во групата А славеa во драмата со норвешкиот гигант Колштад, со 26-25. Со оваа победа, седма сезонава, „зебрите“ ќе презимат како лидери на табелата.

Двете екипи мотивирано го отворија натпреварот. Воведот им припадна на гостите од Норвешка, кои во неколку наврати водеа со по три гола, но Кил се врати во финишот и на пауза замина со предност од три гола (15-12). 

Колштад и на стартот од вториот дел диктираше темпо и експресно го презеде водството, но откако Сагосен заработи директен црвен картон (груб старт над Дувњак), Кил го искористи тоа и со голот со звукот на сирената на Дамке се избори за победа од 26-25 и големо славје на трибините.

Егберг со осум гола и Дувњак со четири беа најдобри во таборот на Кил, додека за поразениот тим по пет гола имаа Сагосен и Гудјонсон.

Во рамки од оваа група, во која се натпреварува и нашиот шампион Еурофарм Пелистер, вечерва се одигра уште еден драматичен натпревар, кој заврши со среќен крај за ПИК Сегед. Унгарскиот гигант со 26-25 го совлада вицешампионот Киелце и така се доближи на само еден бод до денешниот ривал.