Кил го сака Душебаев, негова желба е Вардар

Екипата на Вардар 1961 може да добие капитално засилување за следната сезона во бековската линија, затоа што има интерес за Алекс Душебаев кој си заминува од Киелце по крајот на актуелната сезона.

Вардар гради шампионски тим, целта е враќање во Лигата на шампионите со респектабилна екипа, подготвена да се надигрува со сите учесници во елитното друштво. Шпанецот е еден од милениците на публиката заради деновите во шампионскиот тим на „црвено-црните“ и е една од целите за следната сезона.

Двократниот европски првак има пикирано нови имиња и договорено засилувања за понатаму, а преговорите со Алекс Душебаев се во тек. Инаку, за шпанскиот репрезентативец интерес има и од Бундеслигата, поточно од редовите на Кил.

Но, желбата на играчот да го облече црвено-црниот дрес повторно е голема, пред се затоа што се работи за „познат терен“ за живот со семејството. Официјалната понуда од Вардар се формира, се пеглаат финансиките детали, за Душебаев повторно да биде вардарец.

Алекс Душебаев дојде како дете во Скопје, тоа беше во 2013 година во ерата на Сергеј Самсоненко, а во Вардар се задржа до 2017 година. Оттогаш е дел од Киелце, но Душебаеви си одат од полскиот гигант по крајот на сезоната.