Кил без Сагосен е новиот сериозен тест за Вардар на европската сцена

По одличниот старт на сезоната во Лигата на шампионите, ракометарите на Вардар 1961 потфрлија на последните два настапи. Најпрво запишаа домашен пораз од Монпелје, а потоа загубија и на гостувањето кај Алборг.

Нов сериозен тест за Веселин Вујовиќ ќе донесе германски Кил. Бундеслигашот е екипа против која „црвено-црните“ имаат лоша традиција. Победиле само на две средби, последната пред три години и тоа на гостински терен. „Зебрите“ се чувствуваат добро во Скопје, со оглед на тоа што победуваат на последните четири натпревари против нашиот шампион.

Хендикеп за германскиот претставник ќе биде отсуството на Стефан Вајнхолд и Сандер Сагосен. Поради позитивни тестови на ковид-19, тие нема да се појават во „СЦ „Јане Сандански“. Иако противникот доаѓа ослабен, Вујо најави дека би сакал да се соочи со најсилниот состав на Кил, за да може да има преглед на квалитетот на неговата екипа.

Вардарци се надеваат дека домашниот терен ќе биде доволен да се стави крај на „крварењето“ и на серијата порази на европската сцена. Одново се очекува пеколна атмосфера во салата, која би требала да биде дополнителен проблем за гостинските ракометари. 

Единствениот пораз на Кил оваа сезона се случи на гостински терен. Македонскиот гигант се надева дека ќе ја искористи полошата игра на тимот предводен од Филип Јиха кога игра надвор од својот терен.

Натпреварот меѓу Вардар 1961 и Кил се игра вечерва во 20:45 часот.