Киелце застанува на здрави нозе: Има нов спонзор, а собра над сто илјади евра од донации

Екипата на Киелце, која е еден од противниците на нашиот Вардар во новата сезона од Лигата на шампионите, по сè застанува на здрави нозе. 

Пред извесен период беше потврдено дека главниот спонзор „ВИВЕ“ нема да го финансира клубот во новата сезона, но иако првично се очекуваа големи промени, ситуацијата набрзо се стабилизира и најверојатно ниту една ѕвезда нема да го напушти клубот. 

Оваа информација денес ја потврди Бертус Сервас, кој по состанокот со градоначалникот на Киелце откри дека досега се собрани 100.000 евра од донации, а наскоро ќе биде претставен и новиот спонзор. 

„Досега собравме над 100.000 евра од донации. Навистина благодарен сум на сите кои донираа за нашиот клуб, без разлика дали со едно или пет евра. Исто така можам да ви потврдам дека имаме нов спонзор. Ќе го претставиме за две или три недели. Не би сакал сега да зборувам повеќе на оваа тема, затоа што имаме почит кон нашите партнери. Нека биде изненадување за нашите фанови“, рече Сервас.

Покрај Киелце, противници на Вардар во новата сезона на Лигата на шампионите се уште ПСЖ, Порто, ПИК Сегед, Мешков Брест, Елверум и Флензбург.