• Мартин Танасковски
Екипата на Еурофарм Пелистер остана без бодови во Лигата на шампионите и по девет одиграни натпревари, затоа што загуби на гости кај Киелце (35-25) во Полска и така македонскиот првак е единствен без позитивен резултат во ракометната елита. Тренерот Ангеловски имаше евидентни проблеми во одбраната, посебно по вирусот на Кисум и неиграњето на Васиљев, заради забраната на полските власти Русинот да настапи на ова гостување.
Киелце покажа дека се работи за вистински дрим-тим покриен со по најмалку двајца ракометари на сите позиции. Душебаев одлично си ја завршил работата од првиот дуел во Битола, одбраната беше на ниво и заслужено Полјаците дојдоа до полниот плен со кој се зацврстија на третото место во групата. Во следното коло Киелце гостува кај ПИК Сегед, додека Еурофарм Пелистер е домаќин на ППД Загреб.
Пелистерци беа во натпреварот со домаќините до 3-3, а потоа полскиот тим со серија од три гола замина на 6-3. Одличен на голот беше Волф, потоа се дојде и до „плус четири“ (9-5), предност која вешто се чуваше до полувремето (18-13), иако македонскиот првак дојде на негатива од три гола во 25. минута кога беше 15-12. На стартот на вториот дел Киелце не дозволи да му се случи ситуација како во Битола, па додаде „гас“ и тука го реши мечот пред својата публика против избраниците на Бранислав Ангеловски. Прво се замина на осум гола позитива (23-15), а откако Еурофарм Пелистер не доби поддршка од голманите, резултатот стана и +11 (27-16).
Продолжението од дуелот во Киелце беше само рутина за екипата на Талант Душебаев. Разликата константно беше висока, а двоцифрената позитива на семафорот повторно се врати на три минути пред крајот кога беше 33-23. Најдобар стрелец кај Киелце беше Трастарсон со седум гола, пред Душебаев со пет реализации, а Нахи и Турнат завршија со по четири гола. Кај Еурофарм Пелистер, Цехте постигна седум, а Пешевски погоди пет пати.