Киелце по втора титула, Барса да ја збогати традицијата во ЛШ

Ракометарите на Барселона и Киелце ќе се борат за титулата во Лигата на шампионите. Стандардно, во „Ланксес Арената“ во Келн, пред полни трибини се очекува нов ракометен спектакл. Полуфиналните пресметки понудија шоу, атрактивен ракомет и многу возбудувања. 

Сега, дојде време за разврската на сезоната 2022/23. Ако се гледа традицијата и историјата, Барселона е најуспешната екипа во елитното натпреварување. Тоа што е Реал Мадрид во фудбалската, Барса го претставува во ракометната Лига на шампиони. Со десет трофеи и пет загубени финалиња, клубот од Каталонија е далеку најуспешен тим. По него следи Гумерсбах кој во минатиот век освоил пет трофеи, па во овој милениум Кил има четири, по три имаат Дукла, Сиудад Реал и Минск... Скопски Вардар со две титули котира исто така високо на оваа листа. 

Киелце само еднаш се радуваше на трофејот, во единственото и можеби најизедначеното финале во 2016 година против Веспрем. Тој натпревар го одлучија пеналите, откако немаше победник по регуларното време и продолженијата. Сега, Талант Душебаев има силни амбиции да го сруши митот за силната Барселона, а тоа двапати му успеваше во групната фаза. 

Финалниот натпревар во Келн е закажан денес од 18:00 часот.