Киелце одигра фуриозно и го „растури“ Флензбург во ЛШ

По неочекуваниот пораз од Динамо Букурешт на отворањето на сезоната, екипата на Киелце влезе во посакуваниот ритам и реди победи во Лигата на шампионите. По успесите против Веспрем и Мотор Запорожје, вечерва пред разиграните момци на Душебајев падна и германскиот гигант Флензбург, кој беше „растурен“ со осум гола разлика (37-29).

Бундеслигашот по очајниот старт и двата порази во низа, се чинеше дека по ремито со големиот фаворит ПСЖ ќе се врати на посакуваниот колосек, но наместо тоа, им се врати на поразите и повторно со наведната глава завршува натпревар во европската елита.

Киелце буквално од самиот старт доминираше на паркетот и од минута во минута го зголемуваше водството, а во моментите кога се очекуваше Флензбург да возврати, тој одново потфрли и полскиот тим ја прослави најубедливата победа во новата сезона на Лигата на шампионите.  

Сико со девет и Нахи со шест гола беа предводници на Киелце на овој натпревар, додека во поразениот тим девет постигна Данецот Менсинг.