Киелце го остави Динамо „на нула“, шест од шест за Фуксе Берлин

Екипата на Киелце забележа важна победа во битката за нокаут-фаза во Лигата на шампионите и како гостин победи кај Динамо Букурешт (28-24) во рамки на шестото коло од елитното друштво.

За тимот на Талант Душебаев оваа победа донесе излез од кризата, по четири порази во низа во елитното друштво и плус оној пораз од Висла на домашен терен. На полувреме полскиот великан имаше плус два (12-14), а во вториот дел не се дозволи неизвесност. Прв стрелец кај победникот беше Каралек со девет гола, а Када и Влах имаа по четири, додека кај Динамо, Пелајо погоди пет пати.

Фуксе Берлин, пак, го победи Веспрем во дербито на денот (32-31) и така го задржа врвот со максимален учинок, шест победи на шест натпревари во Лигата на шампионите. Ав Теигум имаше седум гола кај бундеслигашот, пред Гидсел со шест, додека кај Веспрем, Месили запиша шест погодоци зад своето име.