• Иван Димовски

Ракометниот клуб Спартак од Кисела Вода ги украде симпатиите на завршниот турнир во Купот на Македонија. Иако загубија од бранителот на титулата Ѓорче Петров (30-33), девојките покажаа голема борба и на крајот недостигаше веројатно малку искуство за подвиг.
Токму тоа го посочи и голманката на Спартак, Слободанка Кицевска, која кажа:
„Во полуфиналето одигравме претежок и преборбен натпревар. Затоа сакам да им честитам на ракометарките, вчерашниот дуел беше премногу тензичен и нè исцрпи и психички и емоцијално. Немавме време за одмор и подготовка за финалето, но тоа не треба да биде алиби.
Игравме против одлична екипа со големо искуство од вакви натпревари. Но, мислам дека и во финалето се покажавме во одлично светло и публиката уживаше во сите шеесет минути. Исто како и ние на паркетот“.
Инаку, Слободанка Кицевска беше избрана за најдобра голманка на „фајнал-фор“ турнирот во Струмица.