• Зоран Мишевски
Легендарниот француски ракометар Кентан Мае, официјално замина од Гумерсбах. Клубот и играчот спогодбено го раскинаа договорот кој првично имаше важност до 2027 година.
Главната причина за разделбата е незадоволството на Мае од улогата во тимот, бидејќи во последните месеци главно добиваше шанса само на кратки периоди во натпреварите. Предводникот на Гумерсбах, Гудјон Валур Сигурдсон, изјави дека играч со таков квалитет и богато реноме заслужува да има многу поголема одговорност и поголема минутажа во оваа фаза од својата кариера.
Двете страни се разидоа со взаемно почитување, а 35-годишниот среден бек потврди дека иако работите не се развиле како што посакувал, тој е благодарен за времето поминато во клубот. Веста за заминувањето пристигна веднаш по потврдата дека германскиот клуб се засили со Алекс Душебаев. Каде Мае ќе ја продолжи својата професионална кариера сè уште не е официјално потврдено, но тој најави дека нема намера да се пензионира.
