Кбилашвили: Го одбрав Металург заради една причина, тој е расадник на...

Грузискиот репрезентативен централен бек Иракли Кбилашвили е последното засилување на Металург. Младиот Грузиец, кој во Металург дојде од украинскиот тим Одеса, имал бројни понуди, но се реши да потпише за клубот од Автокоманда, бидејќи смета дека Металург е најдобро место за развој на млади ракометари.

„Среќен сум што доаѓам во Металург и во земја во која ракометот е спорт број еден. Имав повеќе понуди за ангажман, но го одбрав Металург бидејќи важи за ракометен расадник во кој најмногу просперираат младите играчи и кој има долгогодишна традиција и квалитет. Се надевам дека со мојата игра и ангажман ќе придонесам за остварување на клупските амбиции“, вели Кбилашвили за клубската веб страница.

Иракли Кбилашвили е шестото засилување на Металург, а претходно таборот на клубот од Автокоманда го засилија младиот црногорски кружен напаѓач Лука Вујовиќ (19), левото крило Милан Поповиќ (29), искусниот Реваз Чантурија (37), хрватскиот лев бек Маријан Мариќ (23), и чуварот на мрежата Даниел Ѓоргески (25).