Кавадарци на нозе: Тиквеш го „тресна“ Вардар, трката за тронот ќе биде луда!

Ракометарите на Тиквеш 2014 приредија сензација и го совладаа најтрофејниот Вардар 1961 со 22-20 (11-10), во рамките на третото плеј-оф коло во Суперлигата. Кавадарчани покажаа дека не се шегуваат и ја направија трката за шампионската титула уште поинтересна. Натпреварот имаше интересна завршница и резултатска брканица, во која „црвено-црните“ од Скопје не успеаја да ја вратат негативата.

  • Комплетниот натпревар меѓу Тиквеш 2014 и Вардар 1961:

Средбата тргна со подобра игра на кавадарчани кои поведоа со 3-1 од стартот, а потоа дозволија ривалот да даде три гола во низа (3-4). Во следниот период следеше израмнето надигрување, Тиквеш беше рамноправен и пред полувремето успеа да дојде до водство, па на одмор се замина со минимални 11-10. Вториот дел продолжи со исто темпо на игра, домаќинот од Кавадарци знаеше што сака и играше релативно сигурно. По играта гол за гол на стартот на полувремето, Тиквеш беше екипата која успеа да си изгради предност. Водството дојде до два гола кои момците на Раде Стојановиќ храбро ги бранеа и одржуваа. 

Вардар беше во проблеми, во последните десет минути влезе со човек помалку, а Тиквеш тоа не успеа да го казни, бидејќи во 51. минута напаѓаше за 19-16, но Томовски го одбрани ударот на Симиќ. Сепак, кавадарчани ја одржуваа предноста од два гола и не му дозволуваа на ривалот да се врати во натпреварот. Вардарци се обидуваа, ама домаќинот воден од одличната атмосфера играше сигурно. Во еден од клучните напади, во кои Тиквеш можеше да го реши натпреварот, Томовски имаше двојна одбрана по ударите на Симиќ и Обина, меѓутоа и на спротивната страна Мишевски биеше над голот на влезот во последните три минути. 

Вардарци пак се одбранија, па Недановски одбра игра „седум на шест“, ама и тоа не вроди со плод и следеше пробивање. Иако Георгиевски ја исправи грешката, Бахар не реализира зицер и ударот му го одбрани голманот Велков. Следеше решавачкиот гол на Стефановиќ и огромно славје од страна на кавадаречката публика. 

Најзаслужен за победата на Тиквеш беше Ани Обина кој даде седум погодоци, додека кај вардарци со пет гола се истакна Срдановиќ.