• Мартин Танасковски
Женската ракометна репрезентација на Македонија не успеа да се пласира на Светското првенство (СП). Во реваншот со Украинките, избраничките на Љубомир Савевски доживеаја тежок пораз (22-31) и така повторно застанаа на последната пречка пред планетарниот ракометен собир.
На дуелот кој се играше на неутрален терен во Унгарија поради воениот конфликт, Украинките покажаа моќ. Водеа од самиот почеток па до крајот, а Македонија доживеа ракометна катастрофа која резултатски можеше да биде далеку поубедлива ако противникот не решеше да ротира и да застане во второто полувреме.
На почетокот Македонија беше во егал со ривалот, но имаше проблеми со реализацијата. Иако Украинките имаа неколку исклучувања во само 15 минути поради грубата игра, нашиот национален тим не успеа во повеќе наврати да дојде на гол негатива. Сето тоа се распадна кога Украина замина на 13-8 и тука веќе беше проблемот да се игра. Предноста на противникот растеше поради нашите грешки во нападите, беше 19-11, а на полувремето резултатот гласеше 24-12. Второто полувреме го одбележаа многу грешки, Украина покажа друго лице, ама недоволно да се престигне негативата затоа што и Македонија не играше добро.
Најдобра кај Македонија беше Леонида Гичевска со девет гола, пред Сара Ристовска со пет реализации, додека Гакидова, Јанеска и Николиќ стрелаа по двапати. Голманката Јована Мицевска фати четири топки. Кај Украинките, најискусната Ирина Глибко погоди седум, а Диана Димитришин стрела шест пати, исто колку и Јевхенија Левченко.