ФОТО: Каталонците му укажаа чест на Карабатиќ на последниот меч во ЛШ

Ракометарите на Барселона го исфрлија Пари Сен Жермен во четвртфинален двомеч од Лигата на шампионите. Со тоа заврши европската сезона за францускиот тим, а тоа значи и неславен крај на кариерата во најсилното натпреварување за Никола Карабатиќ. Легендарниот бек по крајот на сезоната заминува во клупска пензија, ќе ги одигра уште Олимписките игри за Франција и целосно повлекува од ракометот.

Во пресрет на реванш дуелот од четврфиналето, Карабатиќ доби аплаузи на голема сцена во „Палау Блауграна“. Барселона не го заборави својот поранешен ракометар кој од 2013 до 2015 ги бранеше клупските бои, па му оддаде чест и признание пред стартот на натпреварот. 

Во кариерата Карабатиќ освен за Барселона и ПСЖ настапуваше уште за Пајс, Монпелје и Кил. Средниот бек е дефинитивно еден од најдобрите ракометари на сите времиња, па неговото заминување во пензија е голема работа за спортот.