Кастратовиќ: Во Србија одиме да ги детектираме и отстраниме недостатоците

Македонскиот победник на Купот, Металург продолжува со подготовките за вториот дел од сезоната. Завршната фаза од подготовките, клубот од Автокоманда од денес ќе ја извршува во Спорскиот центар на Фудбалскиот сојуз на Србија во Стара Пазова, каде ќе престојува до 22 февруари.

Во склопот на овие подготовки се планирани и две пријателски средби. На 18 февруари во Нови Сад, Металург ќе се сретне со Војводина, а на 20 февруари во Нашице ќе му гостува на екипата на Нексе.

„Во изминативе три седмици, откако се вративме од Франција, па досега, работевме на подигање и подобрување на физичката подготвеност на играчите и можам да кажам дека сум презадоволен од нивната посветеност и дисциплина со која ги одработија тренинзите. Во следните шест дена во Стара Пазова ќе работиме на подобрување и корекција во техничко-тактичкиот дел од играта за максимално подготвени да ги дочекаме натпреварите од продолжението на сезоната, како и во Купот на Македонија.

Во рамките на завршните подготовки ќе одиграме и две контролни средби со Војводина и со Нексе, кои, пак, ќе ни помогнат во детектирањето и отстранувањето на ситните недостатоци во играта“, вели тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ.

Металург нема ниту еден пораз во досегашниот тек на сезоната, а вп Суперлигата ремизираше само со градскиот ривал Пролет.