Кастратовиќ: Во Маврово ќе почнеме со поинтензивна тактичко-техничка подготовка

Ракометарите на Металург во следните десетина дена ќе престојуваат во Маврово, каде што ќе ја минат третата фаза од подготовките за новата сезона.

Тренерот Зоран Кастратовиќ е задоволен од сработеното индивидуално, а потоа и во помали групи ракометари.

„Во овие десетина дена во Скопје акцентот ни беше на враќање на физичката подготвеност, а во наредните десет дена во Маврово, покрај тоа што ќе продолжиме со кондициска подготовка, ќе почнеме и со поинтензивна техничко-тактичка подготовка, во која ќе воигруваме напаѓачки и одбранбени формации. Располагаме со искусни и квалитетни играчи, на кои верувам дека нема да им треба многу време за меѓусебно приспособување. Верувам дека со сериозна работа и со максимален пристап, здрави и подготвени ќе ги дочекаме првите официјални натпревари сезонава“, изјави Кастратовиќ за клупската веб страница на клубот.

По подготовките во Маврово, металурзите ќе продолжат во Струга, каде што треба да настапат на традиционалниот турнир, а кон крајот на месец август ќе му гостуваат на хрватскиот тим Спачва од Винковци, во првото коло од квалификациите на Европската лига.