Кастратовиќ: Тулуз е квалитетна екипа, ние мора да го дадеме максимумот

Екипата на Металург во вторник ќе започне со натпреварите од Европската лига, а прв предизвик ќе биде француски Тулуз на гости. 

Предводникот на тимот од Автокоманда, Зоран Кастратовиќ за клупскиот сајт не криеше дека противникот е многу квалитетен. Сепак, нагласи дека анализите се направени и екипата е спремна за првиот предизвик.

„Самиот факт дека ќе играме против екипа од францускиот шампионат доволно зборува за квалитетот на нашиот прв противник во Лигата на Европа. Во изминатите дваесетина дена ги анализиравме нивната офанзивна игра и формациската поставеност во одбраната и сметам дека имаме доволно информации за да подготвиме соодветна противигра со која би ги изненадиле и би стигнале до победа и први бодови сезонава.

Тулуз има квалитетна и искусна екипа, која на сите позиции е покриена со одлични ракометари, на кои брзата транзиција им е најсилно оружје. Затоа, од првата минута на мечот ќе мораме да влеземе максимално борбено во одбраната и концентрирано во нападот, со единствена цел градење квалитетна и сигурна игра во која техничките грешки ќе бидат сведени на минимум, за да не му се дозволи на противникот да постигнува лесни голови, туку ние да бидеме тие што ќе го диктираат темпото на игра“, вели Кастратовиќ. 

Премиерната пресметка на „металурзите“ во новото натпреварување на ЕХФ ќе се одигра во вторник во Тулуз, со почеток од 20:45 часот. Освен со Тулуз, Металург во групата А ќе се пресмета и со Фиверс, Чеховски Медведи, Висла и Адемар Леон.