Кастратовиќ: Само со комплетни 60 минути можеме да го победиме Букурешт

Индира Кастратовиќ на прес-конференција во Скопје

Клупската пролет официјално почнува утре за ракометарките на Вардар, кои во Скопје го дочекуваат ЦСМ Букурешт во СЦ „Јане Сандански“. Двата теста со Крајова, добрата клима во соблекувалната и скаутирањето до најмал детал на противникот, будат оптимизам кај девојките на Индира Кастратовиќ. Самиот тренер пренесува дека сите едвај чекаат да почне втората групна фаза од Лигата на шампионите. 

„Имавме доволно време да се подготвиме добро, ги анализиравме и добро го познаваме Букурешт. Нам ни е многу важно дека девојките се здрави и подготвени за тој натпревар. Многу работиме овие денови на тоа да не изгориме во првите минути од натпреварот. Кога ќе ни дојдат емоциите и желбата за победа, текот на натпреварот може да се насочат на лошо. Треба мирно и квалитетно да го одработиме натпреварот сите 60 минути. Букурешт е екипа која може да се победи само ако се игра сите шеесет минути. Имаат добри голмани, исто така за нас плус е што Јоргенсен е повредена и немаат левак на десната позиција, ние треба да одиграме квалитетно и со нашата добра одбрана и квалитетни контра-напади да можеме да победиме“, истакна Кастратовиќ на денешната прес-конференција.

Вардар си зацрта да ги добие сите домашни натпревари со најмалку една победа во гости да сонува четвртфинале како и претходните две сезони во Лигата на шампионите.