Кастратовиќ: Победа според планот, сега да анализираме да не нѝ се повтори лошото прво полувреме

ЖРКВардар-Индира-Кастратовиќ

Во меч кој наликуваше на тренинг, ЖРК Вардар покажа дека е за неколку класи подобар противник од Хипо, кој не е ни одблиску онаа компетитивна екипа од пред две децении. На официјалната прес-конференција вардарки не го криеа задоволството од четвртата победа во групната фаза.

„Малку сме тажни што одигравме вакво прво полувреме во последниот меч во групната фаза. Не одигравме добар натпревар. Сепак најважно е да се победи, тоа е она што ќе го запаметиме од овој меч", истакна брзоногата  Сираба Дембеле.

Анализа на натпреварот и на целата групна фаза по мечот направи Индира Кастратовиќ, која истакна дека екипата треба сеуште да ја подига формата за да дојде до целта и оваа сезона.

„Честитки за Хипо за покажаната игра во првото полувреме. Реков и на прес-конференцијата кога го најавуваме Хипо дека ниту еден натпревар нема да биде лесен. Девојките ќе одат со репрезентации, и овој меч резултатски не ни значеше ништо. Немавме ниту еден кружен напаѓач, видовте дека мораме да се снаоѓаме, сепак одигравме подобро во второто полувреме. Ќе го анализираме овој натпревар за да не ни се повтори ваква игра во следните натпревари. Таму играме против Будуќност, Букурешт, заедно со нас, Ѓер и Митјиланд, тоа се пет екипи кои играа на Ф4 во последните години. Букурешт и Будуќност се силни, но и Вардар не е за потценување. Ние сега размислуваме само на фајналфор“, вели Кастратовиќ.

Главната групна фаза од Лигата на шампионите почнува во јануари 2016 година, а по неа следат нокаут натпреварите кои се последен филтер пред завршниот турнир, кој пак ќе се одржи во Будимпешта на почетокот на мај следната година.