• Зоран Мишевски

Тешко извојуваната победа на ракометарките на Вардар против Букурешт со 22-21 ги загрижи навивачите на скопските „црвено-црните“, но карактерот кој го покажаа девојките на Кастратовиќ и Питлик останува клучен фактор и по мечот.
„Реков дека Букурешт не можеме да го победиме само во 6 минути ни за 10 ни за 15. Букурешт покажа колку е квалитетна екипа, а ние со малку стрес, мислам затоа што беше прв меч, но сигурна сум дека од натпревар во натпревар ќе бидеме подобро. Сега ни доаѓа гостувањето кај Будуќност и од утре се фокусираме на тој меч. Има уште многу да се работи, но задоволни сме што вечерва освоивме два бода“, рече Индира Кастратовиќ на официјалната прес-конференција.
Играта брзо ќе се заборави, но мора да се извлечат поуките од лошиот пристап и можеби потценувањето на противникот.
„Беше тежок натпревар, мислам дека бевме и малку нервозни бидејќи беше прв меч. Не бевме сто проценти фокусирани, но среќна сум што имаме два бода и сега можеме поопуштено да се подготвуваме за следниот натпревар“, истакна хрватската интернационалка Андреа Пенезиќ.
И првата групна фаза ракометарките на ЖРК Вардар ја почнаа со лоша игра и со домашен пораз од Ѓер. Овој пат лошата игра е покриена со победа, која го трасира патот на девојките на Кастратовиќ кон четвртфиналето.