Кастратовиќ: Групите во Европската лига беа нашата зацртана цел

Металург загуби кај Кринс со еден гол негатива (22-21). ама победата со два гола во Скопје донесе пласман во групната фаза на Европската лига на ЕХФ, нешто што го радува Зоран Кастратовиќ.

Тренерот на тимот од Автокоманда истакна дека она што се зацртало на стартот на сезоната се остварило, а тоа е пласман во групната фаза на новото натпреарување на ЕХФ кое доаѓа на местото на ЕХФ Купот.

„Групите во Европската лига беа нашата зацртана цел и успеавме да ја оствариме истата. Моите ракометари покажаа голема борбеност, би сакал да им честитам за тоа, тука е и раководството на екипата кое ни ги овозможи сите услови за ова. Ја сопревме брзата игра на Кринс кога беше најпотребно. Имавме поддршка и од голманот Дупјачанец, а секако тука беа и нашите поддржувачи во Швајцарија кои се појавија во голем број“, изјави Кастратовиќ.

Металург своите противници во групната фаза на Европската лига ќе ги добие на 1 ноември. Со пласманот во натпреварувањето на ЕХФ, екипата од Автокоманда се враќа во еврокуповите по едногодишна пауза. Лани се играа квалификации за ЕХФ Куп, ама се испадна од словенечки Горење.

Најнови вести од
Европска лига (М)