Кастамону со единаесетти пораз, Есбјерг го задржа врвот во ЛШ

Турскиот ракометен прокет Кастамону никако да победи во Лигата на шампионите. Во деби-учеството екипата има 11 порази на 11 натпревари, а последен кој ѝ го зеде скалпот е шведски Савехоф (26-29).

Црногорско-турскиот колектив предводен од Радичевиќ, Мехмедовиќ и Раичевиќ имаше лошо прво полувреме, губеше со три гола пред паузата (13-16), а потоа, иако фати приклучок и изедначи на 20-20, не успеа да ја зграби победата која долго ја чека.

Токму Радичевиќ беше прв стрелец кај домашните со шест гола, додека кај Савехоф најистакната беше Топструп Петерсен со седум реализации.

Есбјерг ја оправда фаворитската улога, дома убедливо го доби тимот на Подравка (30-17) и така остана на врвот во групата А во ракометната елита. Солберг беше најефикасна со седум гола кај данскиот претставник, додека кај хрватскиот шампион Стелмак заврши со пет погодоци.