Карасманакис потпиша за Алкалоид, ќе игра и за кадетите на шампионатот во Рига

Новиот член на Суперлигата, РК Алкалоид од Скопје, се засили со уште еден ракометар на Еурофарм Пелистер. Нов играч на најуспешната прволигашка екипа минатата сезона е 16-годишниот Валентин Карасманакис, момче кое доаѓа од младинскиот погон на битолскиот суперлигаш. Тинејџерот минува низ одличен период, бидејќи беше повикан за кадетската репрезентација на ревијата во Кавадарци пред финалето на Купот и од тој момент стана интересен за ракометната јавност. 

Карасманакис е млад перспективен ракометар со исклучителни физички предиспозиции, па ќе им се придружи на кадетите на шампионатот во Рига. Претходно настапуваше за младинската селекција на ЕХФ шампионатот во Варна. Карасманакис нема сениорски настап за Еурофарм Пелистер, а веројатно ќе биде прекомандуван во вториот тим на Алкалоид, Мулти Есенс, новоформираниот клуб кој се натпреварува во Првата лига за сезоната 2022/23. Со ова продолжува трендот на Алкалоид да доведува во своите редови млади момчиња со репрезентативна перспектива. Голем дел од нив рано дебитираа во некоја од младинските селекции на нашата земја и потоа потпишаа за новиот клуб кој се потпира на македонски талентирани ракометари. 

Претходно од Битола за Скопје заминаа и искусните Никола Маркоски и Благојче Трајкоски.  

Алкалоид во новата сезона ќе игра во суперлигашката група со Струга, Вардар Неготино, Бутел Скопје, Прилеп, Охрид, Вардар 1961 и Куманово, а во првото коло силите ќе ги одмери со Прилеп на гостински терен. Тимот на Мулти Есенс e дел од група А на Првата лига заедно со: Работнички, Македонија Ѓорче Петров, Кичево, Бисинов, Фруит Ленд, Текстилец, Јехона, Шампион, Овче Поле и Младост.