Карачиќ: Ова во Келн, чудо? Целата наша сезона е чудо!

Gol.mk на ракометен Final Four во Келн

Хрватот Игор Карачиќ даде еден од клучните голови за Вардар на натпреварот против Барселона и ја најави магичната ноќ за „црвено-црните“.

Македонскиот првак се врати од минус седум, го победи најсилната европска екипа, но стравува за присуството на хрватскиот ракометар на мечот за титула поради повреда.

„Ова во Келн, чудо? Не е само ова чудо, целата сезона е чудо. Сите знаевме како можеме да играме и зошто играме. Игравме за Вардар, да не се повторуваме. Дојдовме тука да влеземе во финалето, иако 99% од Европа не веруваше во нас. Само ние и нашите навивачи верувавме во победа. Преуморни сме, сега сакаме да се одмориме малку, а потоа одиме да играме со Веспрем, кој исто така е силен тим како Барселона. Ние сме Вардар, нема да се предадеме пред никого“, изјави Карачиќ.

Ривал на „црвено-црните“ во финалниот меч ќе биде Веспрем на Дејан Манасков, екипа која добро се познава со нашиот шампион. Мечот е закажан в недела од 18:00 часот.