Карачиќ одигра ѕверски за Киелце, со 13 гола го „наполни“ ѕвездениот ПСЖ

Ѕвездениот тим на ПСЖ продолжува да тоне во Лигата на шампионите, откако вечерва повторно ги разочара своите фанови и на гости загуби од Киелце, со резултат 35-33.

Стартот на натпреварот им припадна на момците на Раул Гонзалез, кои водени од фантастичниот Микел Хансен се одлепија на три гола позитива (5-8), но Киелце влезе во ритам во финишот од првиот дел и со серија голови се избори за 18-18 на полувреме. 

За разлика од првиот дел, воведните минути од вториот минаа во знакот на Игор Карачиќ и домашните ракометари. Киелце заигра како што посакуваше и го презеде водството, но ѕвездите на ПСЖ собраа сили и се вратија во игра. Сепак, кога беше најпотребно полскиот шампион влезе во серија и заслужено извојува победа од 35-33. 

Поранешниот вардарец Игор Карачиќ беше брилијантен и зад своето име запиша дури тринаесет гола, додека кај парижани прв стрелец беше Хансен со десет гола. За скапиот тим на ПСЖ ова беше трет пораз во новата сезона во Лигата на шампионите, додека Киелце по стартниот пораз од Флензбург ја запиша четвртата победа во низа. 

Во рамки од групата А, во која вечерва Вардар одигра само 25-25 против Порто, во Германија бундеслигашот Флензбург ја оправда фаворитската улога и извојува сигурна победа над Елверум од 37-35.

Заради позитивни случаи на ковид-19 одложени се два натпрвари од петтото коло.