Карабатиќ: Половина сум Французин, половина Југословен

Ракометниот великан кој во моментов е во пензија и важи за еден од најдобрите играчи на сите времиња, 41-годишниот Никола Карабатиќ, гостуваше на емисијата (Не)успехот на прваците која ја води поранешниот хрватски селектор Славен Билиќ и допре до многу теми.

Низ разговорот Карабатиќ говореше и за неговото потекло. Имено, таткото на Никола, Бранко, е Хрват од Вршин кај Трогир, а исто така бил ракометар и играл за Железничар од Ниш. Токму во тој град, во јужна Србија, ја запознал сопругата Радмила и таму се родил славниот Никола.

„Татко ми беше вистински учител, а од мајка ми го добив тој оган што го гледам кај сите спортисти од Југославија. Не можев да добијам подобра комбинација. Освен тоа, пораснав во Франција, што ми ги отвори хоризонтите. Се чувствувам половина Французин, половина Југословен. Никогаш не се чувствував како странец во Франција.

Моите родители секогаш велеа дека ни е важно добро да се вклопиме, но тие беа горди на своето потекло, на Југославија, поточно Хрватска и Србија. Во исто време, тато беше горд што добивме француско државјанство“, изјави Карабатиќ.

Француската ракометна икона зад себе остави голема трага и влијание во ракометот како спорт, а доказ за неговата големина е што три пати е прогласуван за најдобар светски ракометар.