Карабатиќ погоди во последната секунда и донесе бронза за Французите!

Репрезентацијата на Франција е освојувач на бронзениот медал на Светското првенство. Денес, победникот нa претходниот светски собир беше поуспешен од домашната селекција на Германија (25-26), која дозволи противникот да направи пресврт по солидната предност по првите 30 минути игра.

Мечот започна ефикасно и покрај големиот влог, а Германците први се одлепија на +2 по десет минути игра. „Триколорите“ имаа празен период од пет минути без погодок, кој беше прекинат од Недим Ремили. По серијата исклучувања на двете страни, избраниците на Дидие Динар се вратија целосно во игра и стигнаа до израмнување од 9-9.

Сепак, Андреас Волф блескаше на германскиот гол и беше најзаслужен за одличното издание на домаќинот во првиот дел. Неговите одбрани често беа претворени во лесна завршница на спротивната страна, а Патрик Винцек ја заокружи серијата од 4-0 пред крајот на полувремето која на германските репрезентативци им обезбеди највисоки 13-9.

Францускиот селектор имаше што да им каже на своите играчи на паузата, а се чини тој говор ги мотивира да заиграат подобро во продолжението. Серијата од 5-1 на Французите во првите пет минути од вториот дел најавија неизвесна борба за третото место до самиот крај на натпреварот. Кристијан Прокоп во паника веднаш побара тајм-аут и се обиде да воспостави ред меѓу своите ракометари.

Одбраната на Франција започна да функционира, а се разбрани и Винсент Жерар што донесе целосен пресврт во мечот. На половина од второто полувреме, Германија веќе го испушти водството и до крајот постојано бркаше негатива. Трилер завршницата донесе напад за победа на Германците, но нивната грешка ја искористи Никола Карабатиќ, кој со гол во последната секунда донесе триумф за својата екипа.

Кентин Мае се истакна во редовите на победничката екипа и постигна седум гола од осум обиди. Со идентична реализација на спротивната страна најдобар стрелец беше Уве Генсхајмер.