Кањељас: Титулата со Вардар и прославата во Скопје имаат специјално место во моето срце

Шпанскиот репрезентативец и поранешен ракометар на Вардар, Жоан Кањељас, се наврати на својата прва титула во Лигата на шампионите. Заедно со македонскиот гигант, искусниот бек се радуваше на престижниот трофеј во 2017 година и беше дел од историската прослава низ улиците во Скопје.

33-годишникот вели дека тие моменти од кариерата никогаш нема да ги заборави и дека имаат специјално место во неговото срце.

„Се сеќавам дека очите ми беа полни со солзи. Тоа беше фантастичен момент од мојата кариера.

Патот до врвот беше тежок, па затоа тоа сеќавање засекогаш ќе остане со мене. Победата беше проследена со голема прослава во Скопје, имаше реки од луѓе на улиците, навистина специјален момент...“, изјави Шпанецот.

Една година по успехот, Кањељас си замина од Македонија и се пресели во редовите на ПИК Сегед. Оваа сезона токму тој и неговиот нов тим требаше да стои на патот на Вардар во осминафиналето од Лигата на шампионите, но пандемијата со коронавирусот се испречи на оваа средба.