Кањељас: Никому не му беше лесно за време на мечот со Вардар

Жоан Кањељас повторно се врати во Скопје со екипата на ПИК Сегед и овој пат си заминува со победа. Унгарскиот тим славеше над македонскиот првак во драматичен меч (26-28), а шпанскиот репрезентативец вели дека до полниот плен не се дошло воопшто лесно.

„Ова беше важен меч за нас, на никого не му беше лесно за време на мечот затоа што дојдовме во една неочекувана ситуација кога се работи за поените, за коронавирусот и за сите прекини. Моравме да одиме на победа. Тоа ни нанесе притисок, бевме во некои моменти многу нервозни. Не го прикажавме најдоброто, ама важно е дека дојдовме до победа во овој важен натпревар. Многу ни значи победничката серија. Вардар водеше од почетокот, играше доста добро во нападот, нашата одбрана имаше проблеми со Чупиќ и пивотите. Но во вториот дел Вардар се умори, ние станавме поагресивни во одбраната и дојдовме до еден егал-меч, во кој погодивме во клучни моменти, а Вардар промаши важни пенали“, изјави Кањељас.

ПИК Сегед во претходната рунда славеше и над Порто, па така, има две победи во низа во ЛШ кои го однесоа на петтата позиција. Следен дуел во Унгарија ќе биде повторно со Вардар.