Кањељас не ги заборави фановите на Вардар: Се надевам дека ќе се видиме следниот пат! (ФОТО)

Во трилер-натпревар, македонскиот ракометен шампион Вардар остана без бодови во Лигата на шампионите, откако со минимални 26-28 го загуби дуелот со ПИК Сегед. 

Синоќешниот натпревар беше од големо значење за унгарскиот вицешампион, а посебно за искусниот Жоан Кањељас, кој по подолго време се врати во храмот каде што бележеше големи успеси како член на Вардар. Шпанскиот репрезентативец не ги заборави своите убави моменти во салата „Јане Сандански“, па преку социјалните мрежи испрати емотивна порака до вардаровите фанови. 

„Се враќаме дома со двата бода! Секогаш е посебно да се игра во Скопје, но денес многу ми недостасуваа навивачите на трибините. Се надевам дека ќе можеме да се видиме следниот пат кога ќе се вратам тука! Фала Скопје!“, напиша Кањељас.

ПИК Сегед во претходната рунда славеше и над Порто, па така, има две победи во низа во Лигата на шампионите, кои го однесоа на петтата позиција. Следен дуел во Унгарија ќе го одигра повторно со Вардар.