Канељас од херој до „трагичар“ – ја реши Данска, но потфрли во клучен момент со Шведска

Иако за ракометната легенда на Шпанија, Жоан Канељас не може да се каже дека е трагичар, дел од фановите дефинитивно ќе го сметаат за „виновник“ по поразот во финалето на Европското првенство од Шведска (27-26). 

Поранешниот ас на Вардар со своите 35 години беше еден од носителите на играта на „фуријата“ на овој собир. Иако ветеран, Канељас со 18 гола од 29 обиди имаше солидни претстави во Унгарија и Словачка. Блесна во дуелот од групната фаза со Шведска, а потоа беше еден од хероите во полуфиналето со Данците, но дали потфрли кога беше најпотребно?

Во финалниот натпревар Канељас имаше три обиди и даде еден погодок. Тоа и не е така лоша бројка, ама искусниот бек на 20 секунди пред крајот имаше шут кој на Шпанија ќе ѝ донесеше барем продолженија. Сепак, Канељас биеше млако и тоа беше лесна одбрана за Андреас Паличка. Исто така, во последниот напад на Швеѓаните, Канељас беше човекот кој го испушти чуварот и направи пенал кој по истекот на времето го реализираше Екберг. 

Дел од навивачите на Шпанија можеби ќе го обвинат, ама Канељас е легенда на оваа земја и со своите настапи за репрезентацијата дефинитивно заслужи респект.