Канаје и Раул се гордеат на успесите во дуелите меѓу Вардар и Монпелје

Канаје Раул

Екипата на Монпелје денес ќе го пречека ПСЖ во рамки од 13. коло во француското првенство. Тоа значи дека ќе гледаме уште еден дуел меѓу тренерските експерти Патрис Канаје и Раул Гонзалез.

Во пресрет на судирот, предводниците на француските прволигаши направија заедничко интервју во кое зборуваа со голема почит кон својот ривал. Тие ги открија најдобрите сеќавања од меѓусебните дуели, а во двата наврати вмешан е тимот на Вардар.

Канаје: Најубаво ми е кога ќе се сетам на победата против Вардар во полуфиналето од Лигата на шампионите. Пред две години одигравме перфектен натпревар и се изборивме за големото финале.

Раул: Сите дуели кога сум победил со Вардар против Монпелје ми се убави сеќавања. Патрис е еден од најдобрите тренери на денешницата, па тоа беа исклучителни предизвици за мене и моите играчи.

Дербито на непоразените екипи во францускиот шампионат со нетрпение го очекуваат ракометните фанови, а ќе имаат можност да го гледаат вечерва со почеток од 20:45 часот.