• Иван Димовски
Европската ракометна федерација (ЕХФ) продолжи со изборот на најатрактивните потези од сезоната 2025/26 во Лигата на шампионите. Во изборот за најдобрите асистенции се најде и потегот на македонскиот репрезентативец Никола Митревски.
Голманот на Еурофарм Пелистер го освои третото место на листата благодарение на долгото и прецизно додавање до Дејан Манасков на натпреварот против Барселона во Битола. Манасков ја прифати топката во скок и погоди, а токму тој гол претходно беше избран за најубав во целата сезона во елитното натпреварување.
Ова е уште една потврда за атракцијата која Митревски и Манасков ја режираа против клубот кој подоцна стана европски првак.
Инаку, најубавата асистенција е дело на Емерик Мине од Нант, додека на листата пред Митревски е уште Недим Ремили, а во топ десет се најдоа Лазар Кукиќ, Домен Макуц, Лук Стеинс, Симон Јепсон, Дика Мем, Јулиен Бос и Тобиас Грондал.
