• Мартин Танасковски
Репрезентацијата на Србија успеа да запише голема победа во Дортмунд, совладувајќи ја селекцијата на Шпанија со 31-29 во својот прв натпревар од втората фаза на Светското првенство. Српските ракометарки долго време се мачеа со бројни грешки, но во последните десет минути одиграа најдобра ракометна партија на турнирот и со серија од 8-1 направија извонреден пресврт.
Натпреварот започна во висок ритам, со игра гол за гол, додека Србија настојуваше да го следи темпото на Шпанија, која од првиот свиреж на судиите демонстрираше брз и агресивен ракомет. И покрај двоцифрениот број технички грешки уште до полувремето, српската селекција успеа во 13. минута да дојде до можност за водство од два гола. Сепак, Крпеж-Шлезак го промаши седмерецот, по што Шпанките повторно ја презедоа иницијативата и стигнаа до предност од +2, главно благодарение на одличната Со Делгадо.
Тежок период за Србија следеше со три брзи исклучувања, што дополнително го разниша тимскиот ритам. Сепак, со оглед на големиот број грешки и проблеми во организацијата на играта, Србија на одмор замина со само два гола негатива и остана во натпреварот. По паузата, Делгадо продолжи таму каде што застана. Со три последователни гола ја однесе Шпанија на пет голови разлика, а Србија дури по 12 минути игра во вториот дел стигна до својот прв погодок. Шпанската селекција создаде солидна залиха во пресрет на последната четвртина од мечот, па изгледаше дека натпреварот ќе се движи во нивна корист.
Но тогаш започна неверојатниот камбек на српските ракометарки. По исклучувањето на една шпанска ракометарка, Србија влезе во фантастична серија од 8-1, во која клучна улога одигра голманката Јована Рисовиќ. Со низа врвни интервенции, таа го заклучи голот и ги подигна соиграчките, кои во еден момент дури и поведоа. И покрај новиот шок за тимот, кога Србија остана со играч помалку пред самиот финиш, а потоа и кога Јововиќ доби црвен картон три минути пред крајот, српските ракометарки не потклекнаа. Со два гола во последните моменти од натпреварот ја запечатија драмата во своја корист и ја потврдија една од највредните победи на шампионатот досега.
Јована Јововиќ беше најдобра на мечот со седум постигнати гола кај Србија, а ја следеа Крпеж-Шлезак, Скробиќ и Вукајловиќ со по пет гола, додека кај Шпанките, двоцифрена беше Со Делгадо која заврши со 11 гола. Пред Србија сега следуваат уште два натпревара во групната фаза, против Фарските Острови во четврток од 15.30 часот и против Црна Гора во сабота од 17.00 часот. Со ваква победа зад себе, тимот во продолжение ќе влезе со значително зголемена самодоверба и со реални шанси за пласман во завршните рунди.
ФОТО: IHF






