Како ќе изгледа новата ЛШ: Ќе има ли место за македонски тим?

Покрај големите промени на репрезентативен план, ракометна Европа ќе претрпи големи реформи и на клупско ниво, откако Европската куќа на ракометот го обелодени новиот систем на натпреварување во Лигата на шампионите. 

Познато е дека Европското првенство кое наредната година ќе се одржи во Австрија, Норвешка и Шведска, ќе биде премиерно со 24 репрезентации, додека Лигата на шампионите ќе добие нов формат, но со намален број на клубови. 

Од сезоната 2020/21 елитното натпреварување на ЕХФ ќе се игра во две групи, во кои ќе учествуваат по осум екипи. Првите две ќе обезбедат директен пласман во четвртфиналето, додека тимовите од третото до шестото место ќе разигруваат за местата меѓу осумте најдобри. По ист формат ќе се игра и женската Лига на шампиони, а новитет ќе биде Европската лига. 

Со овој нов формат Лигата шампионите дефинитивно ќе добие на квалитет, но се поставува прашањето дали во истиот ќе има место и за македонски екипи. Вардар и оваа сезона игра одлично и повторно ќе игра елиминациона фаза, додека Металург со една победа и девет порази ги заврши настапите во големото натпреварување уште во групите.