• Зоран Мишевски

Еурофарм Пелистер го одигра најдобриот натпревар во Лигата на шампионите оваа сезона, беше рамноправен противник на големиот Кил, но падна во финишот и загуби со 20-23. Сепак, и покрај поразот владее позитивна клима во битолскиот табор.
Тренерот Александар Јовиќ верува дека екипата е на вистински пат и оптимист е дека ќе ги освои домашните трофеи.
„Ние сме нова екипа и ни треба време да се запознаеме и ние тренерите со играчите и играчите со нас. Потоа тоа треба да го вклопиме и да направиме една добра приказна. Јас не се сомневам во тоа. Ние како тим само ќе растеме.
Нашите цели се домашно првенство да ги освоиме двата пехара и тоа со сигурност ви тврдам дека ќе го направиме оваа сезона. Во Лигата на шампионите целиме да се претставивме како вечерва. Вака треба да играме во сите натпревари, зашто Битола како град заслужува да се радува.
Сакам да им се заблагодарам на навивачите и публиката, кои нѐ бодреше во текот на целиот натпревар. Сакам да ѝ го честитам роденденот на нашата навивачка група „Чкембари“, кои се најдобрата навивачка група за ракомет во светот“, рече Јовиќ.
Следниот домашен дуел на пелистерци е в сабота во Неготино, а за две недели во Европа следи уште еден голем тест - гостувањето во Париз против ПСЖ.